Во Истанбул живеат над 15 милиони луѓе, а гледано според овие бројки дури 18,4 проценти од населението на Турција, кое моментално изнесува 82 милиони, живее во оваа метропола.
Истанбул плени со својот шарм и привлекува многу туристи од цел свет.
Во својата историја, овој град бил главен град на Римска Империја. Во 2010 година Истанбул е избран за Европска престолнина на културата. Историските области на Истанбул се вклучени во Списокот на светско културно и природно наследство на УНЕСКО во 1985 година.
Истанбул е карактеристичен и по големиот број на религиозни заедници. Исламот е најголема религија во градот. Освен исламската зедница, во градот опстојуваат и Православните христијани, Ерменските христијани, мал број на Евреи и Католици. Според пописот од 2000 година, во градот има 2691 активни џамии, 123 активни цркви и 26 активни синагоги, како и 109 муслимански гробишта и 57 немуслимански гробишта.
Истанбул изобилува со туристички локалитети ќе се обидеме да ви претставиме барем неколку позначајни:
Аја Софија
Секоја година, музејот Аја Софија го посетуваат над еден милион туристи. Често пати, Света Софија се нарекува осмо светско чудо на античкиот свет. „Аја Софија“, била црква, па џамија, а од 1935 година – музеј, денес е главното туристичко одредиште. Однадвор, архитектонски, не особено величествена, во споредба со фасцинантните џамии, „Сината“ на пример. Се разбира, и да не сте желни за големи димензии, останувате по малку затечени. Но внатре – сѐ по човечка мера, така како што треба да биде. Секој детаљ – ремек-дело само за себе. Арапска калиграфија, ориентална раскошна декорација и неверојатни златни мозаични фрески – Христос со Константин, Христос со кралицата Зое, Богородица со малиот Исус, четирите апостоли претставени како ангели.
Топкапи-сарај
„Топкапи-сарајот“ исто така никого нема да остави рамнодушен. Повеќе од 400 години главна палата на Отоманското Царство, а денес споменик на УНЕСКО, е репрезентативен пример на материјалното и културното богатство на големите династии. Метежот од туристи (во Истанбул дневно поминуваат и по неколку милиони) не дозволува детално да се разгледаат сите колекции на порцелан, оружје, минијатури, мурали, калиграфски записи и многу, многу злато, скапоцени камења и дијаманти.
Капали-чаршија
Истанбул е вистински рај и за шопингхоличарите. Покрај грандиозните трговски центри, кои продаваат брендирана стока и каде што ценкањето како препознатлив турски начин на трговска размена не функционира, посебно доживување е посетата на познатата „Капали-чаршија“ – големиот базар со повеќе од 60 улици што се одвојуваат од главната и повеќе од 4.000 дуќани и тезгиња со сагови, керамика, стакло, кожа, сувенири и злато од чиј сјај болат очи. Вистински грев е да се вратите дома без пар обетки или некој раскошен прстен. Изградена е во 1461 година од Мехмет Освојувачот, податок што на оние со шопингувачки апетити не им е најважна причина за посетата. Дефинитивно рај за таа категорија е посетата на некој од моловите. На Египетскиот пазар, пак, слично како и во „Капали-чаршија“, ценкањето е задолжително, дури издигнато на ниво на уметност. Цената понекогаш може да се симне и над 50 отсто.
Сина џамија
Изградена во 17 век, а името го добила по ретката и специфична сина боја на ѕидните плочки. Таа е едно од најголемите ремек-дела на исламската архитектура и е најзначајна џамија по онаа во Мека. Единствена е со шест минариња. Има повеќе од 200 обоени прозорци што ја пропуштаат дневната светлина. За разлика од „Аја Софија“, која е претворена во музеј, „Сината џамија“ сѐ уште функционира и како верски објект. Верниците и туристите прават бескрајно долги редици, кои, сепак, беспрекорно мирно и релативно брзо се движат. Од почит кон религијата, туристите се принудени да ги собујат чевлите за да зачекорат по најубавите и најскапоцени рачно работени килими.
Крстарење на Босфор
На крстарењето по Босфор може да се ужива во погледот на величествени летни резиденции и палати, вклучувајќи ја и грандиозната „Долмабахче“, грандиозна султанска резиденција од нешто поново време – од 19 век. Кон водата се изложени романтични капии низ чии градини се излегува на кејот. Може само да фантазирате како живееле султанот и неговото семејство во овие благодати.